Здраво, се викам Аце.

Можеби се сеќавате на мене од минатата година како дечкото кој ја прослави новогодишната ноќ со ТРЕСОК! – запознавајќи го мојот помал брат со пиротехниката и пукајќи од пиштол на забава.

Мислев дека тоа ќе биде возбудливо за мене и за моите пријатели. Но, само нè доведе до невоља и нè повреди мене и луѓето кои ги сакам. Никој не беше среќен.

Затоа решив да свртам нов лист. Со труба во рацете, оваа новогодишна ноќ ќе носам музика и радост.

#БидиЅвездаНаЗабавата како мене

СЛАВЕТЕ СО СРЦЕТО, НЕ СО ОРУЖЈЕ!

Ако не сте сигурни што да правите, размислете за следново:

И покрај тоа што славеничкото пукање е противзаконско низ целиот Западен Балкан, а употребата на пиротехника е забранета или ограничувања во неколку јурисдикции, сепак вообичаена појава во регионот е да се пука од огнено оружје и да се користи пиротехника при прослави.

Истовремено, не можеме да го пренебрегнеме фактот дека и огненото оружје и пиротехниката се многу опасни. Ова го знаеме затоа што сме биле сведоци на бројни смртни случаи, повреди, материјални штети и апсења поврзани со славенички пукања секоја година.

Затоа, ако се подготвуваш за овогодинешните прослави ноншалантно и со размислување од типот „ма нема шанси, ништо лошо нема да се случи“ – прочитај во продолжение за некои од работите што им се ИМААТ СЛУЧЕНО на лица кои размислувале исто како тебе.


СМРТНИ СЛУЧАИ

  • 67-годишна жена била усмртена кога парче од импровизирана експлозивна направа ја погодило во главата на прослава во Ариље, Србија. Направата била активирана од еден маж на забавата кој подоцна бил уапсен.
  • Двајца мажи присуствувале на прослава по повод раѓање на дете во местото Змајево во Србија. По сè изгледа, еден од нив пукал во воздух и погодил електричен кабел под висок напон, кој потоа паднал на земја и ги усмртил и двајцата.  


ПОВРЕДИ

Ако мислиш дека пукањето петарди и пиротехника е безопасна детска игра, размисли двапати. Секоја година, возрасни и деца стануваат жртви на таквото ноншалантно однесување за време на празниците. Еве неколку инциденти кои се случиле во 2021 година.

  • Во 2021 година во Кањижа, Србија, маж го загубил окото додека палел огномет на новогодишната ноќ. Истата година, во Свилајнац, 14-годишно девојче се здобило со тешка телесна повреда кога петарда ѝ експлодирала во раката
  • На почетокот на 2021 година, во местото Пучиле во Босна и Херцеговина, две момчиња се повредиле играјќи си со петарди; едно од нив било хоспитализирано со сериозни повреди на раката.

Пиротехничките средства се еден вид експлозивни направи и затоа со нив треба да се постапува со максимална претпазливост. За жал, дури и во местата каде пиротехниката е легална, неа често ја купуваат на улица од нерегулирани извори т.е. улични продавачи. Ова значи дека и квалитетот на овие експлозивни направи, како и начините на кои се чуваат, се исто така нерегулирани. Ова го зголемува ризикот од нивна неисправност или одложено палење поради што се уште поопасни за употреба. Дали навистина сакаш да ја загрозиш сопствената безбедност или, уште полошо, безбедноста на оние кои ги сакаш така што ќе користиш таква пиротехника?  


ЗА ВЛАКНО ИЗБЕГНАТИ НЕСРЕЌИ

За повреди и смртни случаи скоро секогаш се известува во медиумите, но да ПОМИСЛИМЕ само колку многу „славенички“ куршуми нè промашуваат благодарение на чиста среќа. Ова се куршуми за кои ретко слушаме, а се исто онолку реални колку и оние што рануваат или убиваат.


МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА

Дека врне „дожд“ од куршуми насекаде околу нас за време на сезоната на празници може да се види и од извештаите за причинетата материјална штета. Во Косово, каде органите за спроведување на законот ги охрабруваат граѓаните да пријавуваат такви настани, само на 1 јануари 2021 година најмалку осум (8) лица пријавиле дека нивните автомобили или куќи биле погодени и оштетени од куршуми од славеничко пукање. Шест (6) такви инциденти биле пријавени на почетокот на 2022 година.  

АПСЕЊА

Ако мислиш дека прославата со огнено оружје е општоприфатена работа и дека оние кои го прават тоа не сносат никакви последици, размисли за следново. Низ целиот регион се апсат лица за славеничко пукање, вклучително и во случаи кога немало повредени, ниту пак била причинета материјална штета. Всушност, во текот на изминатата година, околу 150 лица беа затворени за ваков вид злоупотреба на огнено оружје.  По пукањето, крај на забавата!

Платформата за следење на вооруженото насилство на SEESAC има документирано бројни такви апсења во секоја јурисдикција. Еве само неколку примери од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово.

Од неодамна постои тренд сторителите на овие дела да ги објавуваат своите незаконски активности на социјалните мрежи, како резултат на што се идентификувани, пронајдени и уапсени од страна на полицијата која ги надгледува овие платформи.

  • 21-годишно момче било уапсено откако полицијата добила видео на кое тоа пукало со огнено оружје за време на семејна прослава во Вуштри / Вучитрн во Косово.
  • Во селото Боговиње во Северна Македонија, 39-годишен маж бил уапсен откако објавил видео на социјалните мрежи во кое подучува мало дете како да пука од пиштол.

И на крајот, пред да ја „збогатиш“ славеничката атмосфера така што ќе испукаш неколку куршуми во воздух, внесувајќи оружје во нечиј дом или објект, или ќе детонираш неколку петарди, размисли како се чувствуваат луѓето околу тебе. Впрочем, апсењата се случуваат токму затоа што некој се чувствувал небезбедно и пријавил славеничко пукање до надлежните органи. Во едно неодамнешно истражување, илјадници луѓе од целиот  регион го изнеле своето мислење во врска со безбедноста, вклучително и во врска со огненото оружје. Еве што изјавиле:

  • Во Западен Балкан 79% од испитаниците/чките изјавиле дека не би сакале да поседуваат оружје, а 54% изјавиле дека се чувствуваат загрозени или мошне загрозени од нелегално поседување и злоупотреба на оружјето во нивните населби, вклучително и за славеничко пукање.**

SEESAC собира информации за инциденти со славеничко пукање на својата Платформа за следење на вооруженото насилство, која открива неколку трендови.  Во 2021 година овие трендови  вклучуваа:

  • Во 94% од евидентираните славенички пукања било пријавено дека сторителите се фатени.
  • Во 96% од славеничките пукања, кога бил познат статусот на оружјето, употребеното оружје било нелегално.
  • Во огромното мнозинство случаи, сторителите се мажи на возраст од 19 до 35 години, а по нив следи возрасната група од 36 до 60 години, додека дури 33% од жртвите на славеничките пукања се жени.
  • Славеничкото пукање најчесто се пријавува во густо населени урбани средини поради што е уште поопасно.

Повеќе за славеничкото пукање можете да дознаете и од Мониторот на вооруженото насилство на SEESAC кој се фокусира на славеничките пукања во Југоисточна Европа во 2021 година.

Оваа кампања се спроведува во рамките на проектот финансиран од ЕУ Поддршка за зајакнување на борбата против нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје (МЛО) во Западен Балкан преку Европската комисија.  

*Упатувањата на Косово се подразбираат во контекст на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации број 1244 од 1999 година.

**Погледнете го документот: Истражување на јавното мислење (#SecuriMeter) 2022: „Ставови кон безбедноста: Перцепции за безбедноста и заканите во Западен Балкан“.