Како што се приближува сезоната на празниците, и како што правиш планови за прослава заедно со оние кои најмногу ти значат – роднините и пријателите – те молиме да го послушаш нашиот апел:

СЛАВИ СО СРЦЕТО, НЕ СО ОРУЖЈЕ!

Размисли двапати дали навистина баш ТИ сакаш да бидеш расипувач на забави?

#НеБидиКакоАце

И покрај тоа што славеничкото пукање е противзаконско низ целиот Западен Балкан, а употребата на пиротехника е соочена со целосна забрана или ограничувања во неколку јурисдикции, сепак вообичаена појава во регионот е да се пука од огнено оружје и да се користи пиротехника при прослави.

Истовремено, не можеме да го пренебрегнеме фактот дека и огненото оружје и пиротехниката се многу опасни. Ова го знаеме затоа што сме биле сведоци на бројни смртни случаи, повреди, материјални штети и апсења поврзани со славенички пукања секоја година.

Затоа, ако се подготвуваш за овогодинешните прослави ноншалантно и со размислување од типот „ма нема шанси, ништо лошо нема да се случи“ – прочитај во продолжение за некои од работите што им се ИМААТ СЛУЧЕНО на лица кои размислувале исто како тебе.


СМРТНИ СЛУЧАИ

  • Жена била погодена случајно со куршум во главата и усмртена во сопствениот дом за време на прослава во близина на градот Јагодина во Србија.
  • Двајца мажи присуствувале на прослава по повод раѓање на дете во местото Змајево во Србија. По сè изгледа, еден од нив пукал во воздух и погодил електричен кабел под висок напон, кој потоа паднал на земја и ги усмртил и двајцата.  


ПОВРЕДИ

 

Ако мислиш дека пукањето петарди и пиротехника е безопасна детска игра, размисли двапати.

  • Во почетокот на 2021 година, во местото Пучиле во Босна и Херцеговина, две момчиња се повредиле играјќи си со петарди; едно од нив било хоспитализирано со сериозни повреди на раката.
  • Животот на едно 10-годишно девојче бил загрозен кога гостин на семејна прослава во српскиот град Чачак детонирал експлозивна направа. Девојчето било пренесено во болница со животозагрозувачки повреди на градниот кош.  

Пиротехничките средства се еден вид експлозиви и затоа со нив треба да се постапува со максимална претпазливост. За жал, дури и во местата каде пиротехниката е легална, неа често ја купуваат на улица од нерегулирани извори т.е. улични продавачи. Ова значи дека и квалитетот на овие експлозивни направи, како и начините на кои се чуваат, се исто така нерегулирани. Дали навистина сакаш да ја загрозиш сопствената безбедност или, уште полошо, безбедноста на оние кои ги сакаш така што ќе користиш таква пиротехника?  
 


ЗА ВЛАКНО ИЗБЕГНАТИ НЕСРЕЌИ

За повреди и смртни случаи скоро секогаш се известува во медиумите, но да ПОМИСЛИМЕ само колку многу „славенички“ куршуми нè промашуваат благодарение на чиста среќа. Ова се куршуми за кои ретко слушаме, а се исто онолку реални колку и оние што рануваат или убиваат.


МАТЕРИЈАЛНА ШТЕТА

Дека врне „дожд“ од куршуми насекаде околу нас за време на сезоната на празници може да се види и од извештаите за причинетата материјална штета. Во Косово, каде органите за спроведување на законот ги охрабруваат граѓаните да пријавуваат такви настани, само на 1 јануари 2021 година најмалку 8 лица пријавиле дека нивните автомобили или куќи биле погодени и оштетени од куршуми од славеничко пукање.
 


АПСЕЊА

Ако мислиш дека прославата со огнено оружје е општоприфатена работа и дека оние кои го прават тоа не сносат никакви последици, размисли за следново. Низ целиот регион луѓе биваат апсени за славеничко пукање, вклучително и во случаи кога немало повредени, ниту пак била причинета материјална штета. Платформата за следење на вооружено насилство на SEESAC има документирано голем број такви апсења во секоја од јурисдикциите на Западен Балкан. Еве само неколку бројки од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово. По пукањето, крај на забавата!

Од неодамна постои тренд сторителите на овие дела да ги објавуваат своите незаконски активности на социјалните мрежи, како резултат на што биваат идентификувани, пронајдени и уапсени од страна на полицијата која ги надгледува овие платформи.

  1. Во селото Боговиње во Северна Македонија, 39-годишен маж бил уапсен откако објавил видео на социјалните мрежи во кое подучува мало дете како да пука од пиштол.
  2. Тројца мажи биле уапсени во местото Малишево на Косово за пукање на семејна прослава и за последователно објавување видео за тој настан на социјалните мрежи.  
     


И на крајот, пред да ја „збогатиш“ славеничката атмосфера така што ќе испукаш неколку куршуми во воздух, внесувајќи оружје во нечиј дом или објект, или ќе детонираш неколку петарди, размисли како се чувствуваат луѓето околу тебе. Впрочем, апсењата се случуваат токму затоа што некој се чувствувал небезбедно и пријавил славеничко пукање до надлежните органи. Во едно неодамнешно истражување, илјадници луѓе од целиот  регион го изнеле своето мислење во врска со безбедноста, вклучително и во врска со огненото оружје. Еве што изјавиле:

  • Во Албанија – 95% од испитаниците/чките не би сакале да поседуваат оружје, а 55% изјавиле дека се чувствуваат загрозени/мошне загрозени од нелегалното поседување и злоупотребата на оружјето во нивните населби, вклучително и за славеничко пукање.
  • Во Босна и Херцеговина – 92% од испитаниците/чките не би сакале да поседуваат оружје, а 50% изјавиле дека се чувствуваат загрозени/мошне загрозени од нелегалното поседување и злоупотребата на оружјето во нивните населби, вклучително и за славеничко пукање.
  • Во Црна Гора – 90% од испитаниците/чките не би сакале да поседуваат оружје, а 22% изјавиле дека се чувствуваат загрозени/мошне загрозени од нелегалното поседување и злоупотребата на оружјето во нивните населби, вклучително и за славеничко пукање.
  • Во Северна Македонија – 82% од испитаниците/чките не би сакале да поседуваат оружје, а 55% изјавиле дека се чувствуваат загрозени/мошне загрозени од нелегалното поседување и злоупотребата на оружјето во нивните населби, вклучително и за славеничко пукање.
  • Во Србија - 91% од испитаниците/чките не би сакале да поседуваат оружје, а 39% изјавиле дека се чувствуваат загрозени/мошне загрозени од нелегалното поседување и злоупотребата на оружјето во нивните населби, вклучително и за славеничко пукање.
  • Во Косово – 93% од испитаниците/чките не би сакале да поседуваат оружје, а 55% изјавиле дека се чувствуваат загрозени/мошне загрозени од нелегалното поседување и злоупотребата на оружјето во нивните населби, вклучително и за славеничко пукање.[1]

SEESAC собира информации за инциденти со славеничко пукање на својата Платформа за следење на вооруженото насилство, која открива неколку трендови, меѓу кои се следниве:

  • Славеничкото пукање најчесто се пријавува во урбаните средини, а ваквите инциденти најчесто се случуваат на улица или дома.
  • Оружјето што најчесто се користи е пиштол, кој во најголем број случаи е нелегално поседуван. Исклучоци од ова правило се Црна Гора и Босна и Херцеговина, каде почесто се среќаваат гасни пиштоли и автоматско оружје.  
  • Во огромното мнозинство случаи, сторителите се машки лица на возраст од 19 до 35 години, а по нив следи возрасната група 36-60 години; дури 26% од жртвите на славеничките пукања се жени.

Повеќе за славеничкото пукање можете да дознаете од Мониторот на вооруженото насилство на SEESAC кој се фокусира на славеничките пукања во југоисточна Европа.

Оваа кампања се спроведува во рамките на проект финансиран преку Одлуката на Советот на ЕУ 2018/1788, како поддршка за SEESAC во спроведувањето на Регионалниот патоказ за борба против нелегалната трговија со оружје во Западниот Балкан.

 

 

 

* Сè што е во врска со Косово во овој документ се однесува на контекстот на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации број 1244 од 1999 година.

[1] Погледнете го документот: Истражување на јавното мислење за безбедноста (#SecuriMeter) 2021: „Ставови кон безбедноста: перцепции за безбедноста и заканите во Западен Балкан.”
Погледнете го клучниот индикатор за успешност бр. 14 во „Извештајот за клучните индикатори за успешност“, за периодот 1 јули – 31 декември 2020 година, (SEESAC).