Слави со срце, не со оружје

СЕЕСАЦ спроведува регионална кампања на социјалните медиуми во регионот на Западен Балкан, за да ја подигне свеста за опасностите од обичајот во нашиот регион да се пука на веселби.

НE RAЦИПУВАЈ ЗАБАВАТА!
СЛАBИ SО СРЦЕ, НЕ СО ОРУЖЈЕ!

Дали сте знаеле дека во нашиот регион, секоја година, многумина се здобиваат со рани или загинуваат како резултат на пукање на веселби?

Пукање или стрелање на веселби во регионот на Западен Балкан има насекаде, во различен обем и од различни причини. Се случува во различни прилики и на разни настани, како што се свадби, раѓање на деца, верски прослави или празници, на новогодишната ноќ или по победи на спортски натпревари.

СЕЕСАЦ спроведува регионална кампања на социјалните медиуми во регионот на Западен Балкан, за да ја подигне свеста за опасностите од обичајот во нашиот регион да се пука на веселби. Кампањата, која трае од 20 декември до 20 јануари, се спроведува на Фејсбук, Инстаграм и на Гугл, и ги покрива Албанија, Босна и Херцеговина, Косово*, Црна Гора, Србија и поранешната југословенска Република Македонија.

Придружете ни се додека „славиме со нашето срце, а не со нашето оружје“, за да ни помогнете да спречиме да има повеќе повредени и нашиот регион да го направме побезбеден во овој период на празници.

Помогнете ни со тоа што ќе ја споделите нашата порака, статистичките податоци и фотографиите кои ја раскажуваат сторијата. За повеќе, прочитајте подолу.

ЗА ПУКАЊЕТО НА ВЕСЕЛБИ НА ЗАПАДНИОТ БАЛКАН:

Иако пукањето на веселби порано било вообичаено, за време на студената војна властите ја забраниле таа практика и таа речиси и да не постоела. Со појавата на социјалните немири и етничките конфликти во периодот на деведесеттите години, практиката повторно се појавува. Се чини дека во денешно време пукањето на веселби повеќе е поврзано со големата распространетост на оружјето во регионот отколку со традицијата.

Пукањето на свадби или по раѓањето на дете, особено на син, порано се користело за да се извести за настанот во соседните села во планинските делови на Албанија и Црна Гора. Тоа денес сè уште се практикува за семејството да ги извести другите за среќниот настан, иако неговата употреба за пренесување на порака е веќе напуштена. Празници кои се прославуваат, како што се Божиќ, Нова Година и Велигден, често пати се одбележуваат со пукање на полноќ. Нешто што исто така станува сè почесто, е и пукањето на веселби како што се свадби и спортски натпревари. Со порастот на пукањето на веселби, се зголеми и бројот на случаи на повредување.

Во Албанија, пукањето на веселби порано било дел од одредени ритуали и прослави. Постојат одредени докази кои го поврзуваат (повторното) појавување на пукањето на веселби со зголемените нивоа на несигурност, конфликти и распространетост на оружјето. По кризата од 1997 и 1998 година, пукањето на веселби и новогодишни прослави продолжи, особено во северо-источна Албанија.         

Во Босна и Херцеговина, во етнички мешаните средини како што е Мостар, учесници во фокус групи тврдат дека пукање на веселби слушаат речиси на секој верски празник и за време на важни спортски натпревари.

Пукањето на веселби е честа појава и во Косово*, особено на свадби и новогодишни веселби.

Исто како и во другите делови од Западниот Балкан, и во Црна Гора ретко се пријавуваат инцидентите при пукање на веселби. И покрај тоа, во 2014 година биле забележени 33 прекршоци кои се однесувале на противзаконска употреба на огнено оружје и експлозивни направи, кои најчесто се случувале на приватни веселби на свадби, Нова Година, Божиќ и раѓање на дете.

Пукањето на веселби е честа појава и во Србија. Едно истражување спроведено помеѓу млади луѓе покажа дека 80% од младите присуствувале на пукање на свадба. Жените во сите прилики тоа го сметаат за несоодветно, додека најмалку го одобруваат средовечните и постарите луѓе.

Во поранешната југословенска Република Македонија непосредно по конфликтите од 2001 и 2002 година дојде до нагло зголемување на инцидентите на пукање на веселби. Ова повторно наведува на тоа дека постои поврзаност помеѓу пукањето на веселби, нивоата на безбедност и достапноста на оружјето.

Извор: The rifle has the devil inside” Gun Culture in South East Europe, SEESAC, 2006 

Кампањата е дел од ЕУСАЦ проектот на СЕЕСАЦ, финансиран преку Одлуката бр. 2013/730/CFSP на Советот на ЕУ  како поддршка на активностите на СЕЕСАЦ за разоружување и контрола на вооружувањето во Југоисточна Европа. СЕЕСАЦ им дава поддршка на националните и регионалните чинители во зајакнувањето на нивните капацитети за контрола и намалување на ширењето и злоупотребата на мало и лесно вооружување, и на тој начин придонесува кон стабилноста, безбедноста и развојот на Југоисточна Европа (ЈИЕ)

* Упатувањето на Косово треба да се разбере дека е во контекст на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1244.

Слави со срце, не со оружје